Етнолошко одделение
Етнолошкото одделение обработува тематика првенствено поврзана со културната историја и народната традиција на територијата на Струга и Струшко.
Познато е дека овој крај изобилува со вакво наследство, кое произлегува од разнородноста на областите кои го сочинуваат струшкиот крај, секоја со свои специфики. Според нив струшкото подрачје можеме да го поделиме на: градот Струга, полските села, горнодримколскиот крај, долнодримколскиот крај и Малесија.
Со теренски истражувања, преку откуп или како подарок, создадена е етнолошка музејска збирка која се состои од делови на староградска и народна носија, накит, традиционална текстилна, метална, дрвена и керамичка покуќнина, предмети од народното стопанство, алати и други предмети со различна намена, како и голем број фотографии и аудио и видео материјал. Оваа збирка редовно се популаризира и презентира на пошироката јавност преку повремени или постојани тематски поставки и изложби. Етнолошкото одделение ја организира манифестацијата „Ревија на народни носии“, која претставува традиционална смотра на народни носии и фолклор.