Одделение за историја на уметност
Одделението за историја на уметност се занимава со истражувачки работи, евиденција и изработка на документација за живопис, резба, библиографски материјал и друг црковен материјал, но исто така прибира и обработуваи дела од областа на современата ликовна уметност, организира тематски изложби и го публикува истражениот материјал.
Струшкиот регион е богат со цркви и манастири од византискиот период, поствизантискиот период и времето на Преродбата, а дел од нив се и регистрирани споменици на културата. По својата уникатност и висока уметничка вредност, се издвојуваат четирите пештерни цркви, ориенталната базилика св. Богордица Пречиста во с. Враништа и градската црква Св. Ѓоргија, во чии состав работи и Галеријата на икони каде е сместена збирката на икони на самата црква. Меѓу нив најзначајна е иконата на св. Ѓорги од 1267, која се вбројува во најубавите дела на средновековниот иконопис во Македонија.
Во рамките на одделението е Спомен галеријата Вангел Коџоман, посветена и го носи името на еден од основоположниците на македонската современа уметност. Покрај постојаната тематска изложба на Коџоман „Струга во минатото“, се организираат изложби на млади академски уметници како и реномирани автори, но и преземање изложби од други културни институции. Покрај делата на Коџоман, Музејот во својата збирка поседува дела на повеќе македонски и светски автори.