Историско одделение

Дејноста на историското одделение е насочена кон собирање сведоштва за историското минато на овој крај, нивна обработка и презентирање. Тие сведоштва се во форма на документи и оригинални фотографии на личности, настани и места од нашата историја, мемоари на живи учесници за нашето историско минато, предмети со историско значење, старо оружје, фотографии од Струга и струшкиот крај, лични предмети и оригинални документи на д-р Никола Незлобински. Во негова чест е направена и спомен соба, во која е прикажан животот и делото на Незлобински.

Во рамки на ова одделение работи и Спомен домот на браќата Миладиновци, каде е сместена постојаната тематска изложба за животот и делото на браќата Миладиновци.

Годишнините и јубилеите на историските настани се одбележуваат преку тематски изложби соодветно на настаните. Досега се организирани повеќе изложби за илинденскиот период, за НОАВМ, за браќата Миладиновци и една изложба со наслов „Борбениот пат на I Македонска пролетерска бригада“, како постојана поставка во Спомен домот на Бригадата во с. Локов.