Археолошко одделение

Археолошкото одделение врши собирање, евидентирање, заштита и стручна обработка на музејски материјал и музејски предмети, кои потекнуваат од широк временски период – од праисторијата до средниот век. Покрај тоа организира постојани и повремени тематски изложби и ги презентира резултатите од истражувањата во стручни публикации.

Интересот за археолошкото културно наследство на оваа почва започнува кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на минатиот век, со рекогносцирањето на теренот и првите археолошки ископувања. Притоа евидентирани се околу стотина археолошки локалитети, а како најзначајни се издвојуваат наколните населби Уста на Дрим и Врбник во Охридското Езеро, Црквени ливади во с. Враништа, локалитетите Св. Илија во с. Делогожда, Плачикруша во с. Добовјани, Гробишта во с. Корошишта, како и трите ранохристијански базилики во селата Радолишта, Октиси и Ташмаруништа. Овие базилики имаат уникатни подни мозаици од периодот на V–VI век, а во Спомен домот на браќата Миладиновци се наоѓа постојана поставка во која се изложени дел од мозаиците од базиликата во с. Октиси.

Археолошката збирка на музејот е богата и разновидна и се состои од предмети од коска (харпуни, длета), камен (секири), керамика (кантароси чинии, тави, хидрии), метални орудија и оружја, накит и стакло.